Моќта на славните личности | Trendseteri
Menu

Моќта на славните личности

Дури и Адидас, Прада и Бриони бараат амбасадори на црвениот тепих

Додека повеќето од нас се вратија од зимувањето модниот свет тргна со полна пареа напред. Почетокот на Јануари го одбележаа генијалните модни кампањи со суперѕвездите во главните улоги. Соработката со холивудските ѕвезди е со голем замав и од нив не се откажуваат ниту брендовите на кои и не им се толку потребни познатите личности за продажба на своите парчиња облека.

На патиките Адидас не им е потребна реклама, ниту перфектните одела на Бриони, или пак јакните со потпис на италијанската модна куќа Прада, но сепак во кампањите на овие брендови се појавуваат Бијонсе, Бред Пит и Франк Оушн. Секој од овие брендови негува единствен уникатен имиџ кој е заслужен за нивниот успех, а последните кампањи најдобро кажуваат зошто се лидери во нивните категории – високата мода, класиката и уличната мода.

Висока мода

Музичарот Франк Оушн стана заштитно лице на кампањата на Прада за колекциајта пролет/лето 2020 која доживува вистинска ренесанса. Во Прада кампањата оваа сезона освен Франк, учествуваа и актерот Аустин Батлер и режисерот Николас Виндинг Рефн, под објективнот на легендарниот фотограф Дејвид Симс. Оваа кампања го најави враќањето на Прада во минималистичката естетика од 90-тите, рамни кроеви, акроматски тонови, практична облека и класични модни додатоци.

Класика

Холивудската ѕвезда Бред Пит и италијанскиот бренд за одела Бриони излегоа заедно, со здружени сили пред црно-белиот објектив на фотографот Мајкл Џенсон за новата колекција пролет/лето 2020 година. Освен што Бриони за нивната кампања го избра еден од великаните на американската филмска индустрија, наскоро ќе ја претстави и ексклузивната линија на смокинзи со потписот на Бред Пит. Соработката беше најавена со појавувањето на Бред Пит со одело на Бриони на доделувањето на “Златни Глобуси”.

Улична мода

Ар ен би дивата Бијонсе исто така е една од оние кои нема време за губење. Уште од крајот на минатата година ја најави соработката на нејзиниот бренд Ivy Park со Адидас, а за таа кампања објавивме уште пред неколку дена, каде доминираат боите на костен и портокал. Сите парчиња од новата колекција ќе бидат достапни на 18 јануари.