Кога ќе пораснам сакам да бидам млад… рече Јарецот и се врати на работа.
Ова е кариера отелотворена во разумна личност.
Ова е личност на која најчесто паѓа товарот од целото семејство, некогаш и товарот од претците.
Ова е лојална личност.
Ова е конзервативна личност.
Ова е навидум крута личност.
Ова е посветена личност.
Ова е топло-ладно (нормално, они одлучуваат кога е топло, а кога ладно
Ова е фактограф.
Ова е раководител.
И не, не се тврдоглави како што многумина ги опишуваат… Истрајни се, трпеливи се, рационални се, воздржани се, одмерени се… и мирни се …или барем така сакаат да се прикажат. Но не постои нешто што го започнале, а да не го довршат. Добро, можеби чекаат вистинско време за истото да го почнат (едно десет години), чисто за да бидат сигурни дека се на вистинскиот пат.
Ова е историја.
Ова е историја на уметност.
Ова е традиција.
Ова е онаа приказна од колено на колено…
Ова е исконска убавина.
Ова е убавина која чека.
Ова е жена која чека да биде избрана…
Ова е љубов која трае.
Ова е онаа жолта или црвена линија во секоја голема институција што јасно ви става до знење каде ви е местото и до каде смеете да одите.
И да се разбереме, материјалисти се, иако ретко мака мачат со финансии, реалниот проблем кој го имаат е стравот дека еден ден ќе ги немаат. Реален проблем е и колекционерскиот дух со кој солидарно живеат, па така ќе ги видите како во животот собираат сè и сешто (покрај штедењето за недајбоже), со изговор дека им е тешко да се ослободат од истите тие нешта (и луѓе) што ги влечат со себе, незнаејќи дека истовремено ги собираат настаните, спомените (и луѓето) од минатото од кои им е тешко да се ослободат…
Ако често пати се прашувате што е тоа што ви ја мрзне крвта кога ќе ве погледнат…
Што е тоа што ве пресекува и запира кога сакате да тргнете кон нив?
Што е тоа што ве тера пет пати да размислите што ќе кажете за да не ги разочарате???
Доволно е само да погледнете во нивните небесно сини очи и ќе видите едно кревко дете на кое му е страв од темница, ама не сака да каже за да не ги загрижи родителите, ќе видите дете со смарагдно зелени очи кое уште од 5 години прави бизнис план како од денар да направи два, но пресметува во себе за да не му се смеат оние на негова возраст чија единствена грижа е да ја искршат играчката што им ја подариле, ќе видите срна со очи боја бадем која стои на тенок мраз, а сепак грациозно се движи по него иако умира од страв да не падне, најмногу од сè да не ја видат дека паднала, затоа што ни во лудило нема да да побара помош да стане… Ќе видите љубов бесконечна, љубов доживотна, љубов каква само еднаш во животот се подготвени да покажат, ќе видите добрина која од страв да не биде злоупотребена се дава дозирано и се бара назад, не затоа што им треба, туку стравот да губат е посилен од нив.. Само погледнете ги во очи…
Не, не сакаат тие сами да се, само сакаат да се уверат кој е доволно подготвен да истрае покрај нив…
Хороскопот го пишува Тамара Грујовиќ