Дожд | Trendseteri
Menu

Дожд

На крајот од тој пат, ништо нема да ти остане кога ќе погледнеш назад. Ќе ти зјае празнина …


Врвулица од живот. Постојано трчање по некого или нешто. Да работиш, да заработиш, да заштедиш, да потрошиш. Да усреќуваш, задоволуваш и исполнуваш нечии желби секојдневно, занемарувајќи ги сопствените. Како да си ставен/а на трака. Трчаш постојано. Во исто место. Постојано некаде тргнуваш, никаде ни пристигнуваш. И притоа очекуваш не едно, туку безброј „благодарам“ да се слеваат врз тебе и заплискуваат како дожд од сите страни. Ама ни капка „благодарам“ не капнува. Зошто ретко кој го гледа, го забележува, уште помалку го почитува и му се восхитува на твојот труд, време, напор кои ги вложуваш во доброто на другите, одземајќи си од своето. Па дури и најблиските, кои некако со трчањето по нив си успеала да ги убедиш дека само за нив си роден/а, работиш, живееш и постоиш.

Застани. Здивни. Дај си оддишка. Одмори се од другите. Само за твое лично добро. Посвети си време за себе, време само твое. Одвој си го и уживај си во него. Во ситниците кои те прават среќен/а. Во работите кои си ги запоставил/а трудејќи се постојано да им угодуваш на другите, зошто нивните потреби секогаш ти биле поважни од сопствените. Оти животот лета како траката по која секојдневно трчаш во место. На крајот од тој пат, ништо нема да ти остане кога ќе погледнеш назад. Ќе ти зјае празнина. Биди како за промена малку себичен/а и создади си слатки, мали и магични моменти за вечно паметење, интимни, само твои. Угоди ѝ на душата, нахрани си го срцето со убавини. За да можеш утре најубави приказни да им ги раскажуваш на внуците. За да имаш во што да погледнеш кога очите ќе ти се подзатворат… Да, немој, не чекај веќе ништо од никого, направи си и освежи се сам/а со дожд од безброј „благодарам“ кои ти ќе му ги поклониш на твојот живот и тој на тебе… Оти само еден ти е. Само тој го имаш. А ти само нему му припаѓаш!

Калина Коси