Белите фармерки вриштат „лето“ | Trendseteri
Menu

Белите фармерки вриштат „лето“


Комбинации кои ќе направат да блеснете во бели фармерки


Самите бели фармерки вриштат „лето“! Тие успеваат да се вклопат во секакви стилови, од класични до оние поризичните за похрабрите девојки. Изгледаат одлично во работни варијанти, но и за коктел со другарките. Еве 7 интересни и шик начини како да ги носите.



Фармерка на фармерка

Или за оние помалку упатените, исто се нарекува и канадско одело. Белите фармерски со тексас кошула се одличен начин да се завиткате во убавиот тексас материјал, без притоа да се чувствувате како да носите чаршаф. Додадете кафеав или црн каиш и сандали со високи потпетици и спремни сте да го освоите светот.



Монохроматска комбинација

Нема подобра комбинација од бело и црно. Белите фармерки надополнети со црн кроп топ (ако носите фармерки со висок струк) или обична маичка изгледаат неверојатно елегантно, а сепак едноставно. Сандали со високи потпетици се одлична опција за уште поголема софистицираност, а и за неколку сантиметри повеќе.



Спремни за на работа

Блејзерот/сакото има моќ да додаде строгост и елеганција во секоја секојдневна комбинација. Тоа е одличен начин да им додадете канцелариски шик на белите фармерки. Бидете софистицирани и изберете долг блејзер во морнарско сина или црна. Ваквиот изглед надополнете го со тесна кошула, но подеднакво добро изгледа и со еднобојна бела маичка.



Војнички шик

Белите фармерки изгледаат одлично кога ќе се спојат со кошула со војнички принт. Освен што моментално е на врвот од трендовите, војничкиот принт и белите фармерки се пар којшто не треба да се занемарат. Бидејќи имате доволно дезен на вас, за да избегнете да изгледате кичесто, одберете едноставна црна чанта и обични црни потпетици.



Во комбинација со малку боја

Белите фармерки одат рака под рака со блузи во светли бои или со живи принтови. Одличен додаток се штиклите или рамните сандали. Црвената, жолтата и сината се оптимални бои кои ќе направат да блеснете на жешкото сонце.



Карирано е решението на секој проблем

Кога не знаете што да носите, носете карирано. Особено со бели фармерки. Освен што автоматски ги нагласуваат фармерките, карираните струкирани кошули изгледаат отмено или секојдневно, во зависност од вашиот стил. Задолжително додадете каиш во силна боја за уште повеќе да ги нагласите фармерките.



Морнарски стил

Белите фармерки и морнарската блуза со сини пруги на бела основа се дефинитивно моден погодок за оваа сезона. Иако постојат други комбинации, оваа е совршената. За малку поголем ризик додадете „скинати“ фармерки или сандали со исечоци.