За што луѓето лажат на социјалните мрежи? | Trendseteri
Menu

За што луѓето лажат на социјалните мрежи?

Животот на социјалните мрежи

 

Животот на вашите пријатели социјалните мрежи може да изгледа многу полуксузен и поубав од вашиот, но истражувањата покажуваат дека тоа е една голема лага.

Најдобрата верзија од нив живее само на социјалните мрежи, но не и во реалниот живот. Желбата на луѓето да го прикажат својот живот во најдобро светло, ги занесува до бескрај. Измислуваат патувања, се сликаат покрај скапи автомобили…

Приказната е секогаш разубавена и никогаш не се прикажува цела – бидејќи совршените моменти се всушност многу малку, а на оние обичните, досадните моменти кој може да завидува? Кому би му биле интересни? Па тука доаѓаат и филтери, фотошоп… Истражувачите тврдат дека таквите личности се многу понесреќни во реалниот живот, а социјалните мрежи им се само маска за да го покријат секојдневието.

За што луѓето најмногу лажат на социјалните мрежи?

Покажуваат дека имаат повеќе пари од што навистина имаат

 

Ако некое дизајнерско парче означува моќ и луксуз, тоа мора да биде во нивната фотографија. Макар да се сликнат со нечиј скап автомобил (тоа особено важи за мажите) или со чанта во раце од некој луксузен бренд – од продавницата каде се продава.

Секогаш се среќни

 

Едно истражување покажало дека 73% од луѓето пробуваат да прикажат дека се среќни и дека во животот се им е розево, но всушност тие луѓе се далеку од тоа.

Јадат исклучиво здрава храна

 

Сликите со некое смути или салата со авокадо прикажува дека тие живеат здраво, без разлика што во текот на денот јадат се и сешто.

Совршени родители и деца

 

На социјалните мрежи се води вистинска битка за совршено родителство. Слично е и со љубовните врски. Според фотографиите на социјалните мрежи, сите се во совршена врска.

Статус сингл

 

Огромен број на луѓе имаат лажни профили на кои лажат дека се сингл за да можат да флертуваат и да “чепнат” нешто од страна.

Го преболиле бившиот/бившата

 

Па дали има повесели слики од оние кои се објавуваат само за бившиот/бившата да ги види? Како ви е поубав животот после него. Па тука се само журки, патувања, насмевки, слики со згодни момци/девојки…

Само најубавата страна на сите патувања

 

Според едно истражување од 4000 луѓе, се покажало дека дури 2/3 од нив лажат за тоа како било времето, сместувањето и кои се знаменитости ги виделе на нивните патувања. Значи лажат дури и дека биле некаде, кај што всушност не биле. Своите ликови ги монтираат на слика со Ајфеловата кула и ете ги во Париз на романтично патување. На You Tube има видеа кај што може да се научи како се прават приказни за fake патувања

Фотографии “без шминка”

 

Да да да… Еден час трошат за нанесување шминка како би изгледале дека се без шминка. Ова е навистина неверојатно.

Прикажуваат дека се пријатели со сите

 

На социјалните мрежи повеќето сакаат да покажат дека имаат гомила пријатели па така се сликаат со кул личности, иако ги виделе само еднаш во животот. А полупознатите и познатите личности се посебна мета за сликање со нив (посебно оние првите бидејќи е полесно да ги наговорите).

Прават дека се барани и интересни за луѓето

 

Ги знаете оние фрази од типот “Сигурно се прашувавте зошто ме немаше некое време” или “Имам важна вест за вас, но сеуште не смеам да ви откријам”- со нетрпение чекаме да ја слушнеме!

Муабетот ми беше, објавувајте убави и среќни моменти. Тоа е ок. Но нека бидат реални, вистинити. Доколку сакате да објавите фотографија без шминка, навистина нека биде тоа без шминка итн. Доста е со лажни фотки, лажни прикажувања, лажни моменти.  Оригиналноста никогаш не излегува од мода!