Вевчански Карневал 2020 | Trendseteri
Menu

Вевчански Карневал 2020

Вевчански Карневал на насловна на „The Guardian“ за најдобра фотографија на денот

 

После вчерашната спектакуларна ноќ во Вевчани која што ја приредија Влатко Лозаноски, Brass Brothers, Eye Cue и Dj Todoroff, денеска преку стотина маски и илјадници гости од Македонија и од странство дојдоа на традиционалниот Вевчански карневал.

Гостите се огласија на прашањето „Кеојш“ и дојдоа во Вевчани да се направат Василичари.

Вевчанци велат дека ова е обичај под маска, каде што тие и оваа година имаа прилика да се изразат преку многуте костуми. Традиционално, оваа година главни се невестата, младоженецот и глупиот Август кој што има симболична задача да ја чува невестата од злото за време на карневалот.

Препознатливите извици и тапаните ечеа низ вевчанските улици.

Дефилето започна на сретсело каде што можеа да се видат маски кои што ја исмеваа политичката сцена, општествените случувања и маски кои што го претставуваа секојдневниот живот.

Дека навистина мајтапчискиот дух на вевчанци не простува се виде и денеска. Меѓу василичарите оваа година ги видовме традиционалните маски како Глупавиот Август, музичарите, но и Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Боки 13, како и Трамп, Макрон, а од настаните – пожарите во Австралија, „Жолтите елеци“ и друго.

Општината Вевчани како организатор, под покровителство на Министерството за култура, ги пречека илјадниците гости со полн капацитет на угостителските објекти и пансиони. Од таму рекоа дека тие како добри домаќини ќе го угостат секој гостин во Вевчани.

По дефилето, маските и гостите продолжуваат со вршење на обичаите, одат по домовите на Вевчанци каде што се дарувани со пари.

Вечерта е резервирана за забава на плоштадот со македонски народни песни. На полноќ на 14-ти јануари, со традиционален огномет и трубачи ќе биде дочекана Православна Нова година, ќе се прослави обрезанието Христово и Свети Василиј Велики.

Исто така се најде Вевчанскиот Карневал на насловната страница на „The Guardian“, за фотографија на денот благодарение на Робет Атанасовски, кој е автор на оваа фотографија. The Guardian

Photo by: Роберт Атанасовски