Тијана Дапчевиќ во новата македонска играна серија – “Преспав”
Од понеделник 31-ви Октомври, во продукција на ОХО, започнува емитувањето на новата играна серија во Македонија “Преспав”. Во серијата се појавуваат врвните актерски имиња како Владо Јовановски, Јелена Јованова, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Адријан Азири како и нашата позната пеачка Тијана Дапчевиќ. Серијата ја прикажува семејната приказна на браќата Бузалевски, кои отвораат пансион во преспанскиот регион, благодарение на средствата добиени од ЕУ фондови.
Пансионот “Преспав” е метафора на реалните општествени случувања во Македонија, во кои се прекршува балканскиот менталитет, од кој ликовите не можат да избегаат, и желбата да се почитуваат и да се воспостават европските стандарди. Ваквата ситуација ги става ликовите во постојан конфликт и недоразбирање од кои произлегуваат комични ситуации во кои ќе можат да се препознаат и самите гледачи. Секоја епизода има нова тема, нов проблем, нов конфликт, нова разрешница и многу доживувања и смеа. Продуцент на серијата е Пеце Талески, режијата е на Игор Иванов. Режисери на епизоди се: Игор Иванов, Вардан Тозија, Елеонора Венинова и Даријан Пејовски. Сценаријата се на: Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Венко Андоновски и Димитар Банов.
Директор на фотографија е Наум Доксевски, а монтажата е Сашко Потер Мицевски, Шенол Мехмед и Сандра Георгиева. Музиката е на Мите Димовски, студио Тралала.