Маврициус - островот од соништата | Trendseteri
Menu

Маврициус – островот од соништата

„Првин бил создаден Маврициус, а потоа рајот“ – Марк Твен


Островот Маврициус (на француски: L’île Maurice) кој се наоѓа на 900 км од Мадагаскар, односно 2000 км од брегот на Африка, во Индискиот Океан, е еден од најубавите недопрени тропкси острови кои со своите егзотични пејсажи привлекува многубројни туристи. Овој популарен остров со многубројните природни богатства кои ги има едноставно ќе ве остават без здив.

Португалците прв пат го посетиле овој рај на земјата во 1507 година и го оставиле ненаселен. Државата и островот Маврициус името го добиле во 1598 година кога холандски морепловци за прв пат пристигнале на островот и ја основале првата постојана населба на Маврициус. Името е добиено според принцот Морис Орански од Холандија (Maurice). Островот во 1705 година доаѓа под управа на французите, за да потоа во 1810 го заземат Британците. Независноста ја добива во 1968 година, кога станува Република. Маврициус е една од најразвиените држави во Африка.

Заедно со Реинион и Родригез, Маврициус е дел од Маскаренските Острови. Овој архипелаг бил формиран од серија вулкански ерупции пред околу 10 милиони години, кои денес веќе не се активни вулкани. Со површина од само 1.860 километри квадратни и нешто повеќе од милион жители, спаѓа меѓу најмалите држави во светот.

Локалната клима е тропска, зимите се суви од мај до ноември и со топли лета од мај до ноември. Совршено, зар не?

Главен град е Порт Луис, кој се наоѓа на северозапад. Официјални јазици се француски и англиски, но сепак, вкупно се зборуваат шест јазици, од кои најзастапен е тамилскиот кој го зборуваат дури 800.000 луѓе.

Кујната на Маврициус е мешавина на индиската, локалната, кинеската и европската кујна. За љубителите на рум уште една информација… Производството на рум е широко распространето на островот, додека шеќерната трска е главна земјоделска култура.

Како што веќе кажавме, островот располага со многу природни убавини, но она што го издвојува е уникатната оптичка илузија на подводен водопад. Имено, главниот “виновник” за ова се морските струи, бидејќи со тие со тек на времето го донеле песокот од брегот на Маврициус правејќи каскади, односно наслаги кои што даваат впечаток како водата истекува во океанот.

Сино кристално чисто море, ретки животински видови,палми и песочни плажи – се само дел од убавините кои ве очекуваат на ова прекрасно место. Вистински рај на земјата.