Комбинации за секоја пригода | Trendseteri
Menu

Комбинации за секоја пригода

формули за модни комбинации кои секогаш изгледаат добро

 

Приказните за трендовите ни го насочија вниманието кон она што е најважно, а тоа е што да одберете кога не знаете што да облечете, кога ќе ви снемаат идеи, а потребен ви е убав, пристоен изглед и тоа веднаш. Немојте да паничите, не е време за тоа, бидејќи светот на модата никогаш не останува без идеи и инспирација. Токму затоа, денес ви претставуваме неколку модни комбинации кои се сосема модерни, но воедно и класични и секогаш функционални.



Сако и блуза

Добро скроеното сако е парче кое никогаш нема да ве изневери. Во комбинација со едноставна блуза, здолниште или панталони, квалитетното сако ќе биде оној завршен детаљ кој секогаш одлично ќе ви прилега.



Мал црн фустан

Малиот, црн фустан како и секогаш е еден од најдобрите избори кога сакате да изгледате лежерно, елегантно, класично и атрактивно. Во комбинација со крем или беж детали во вид на обувки и чанта, ваквиот фустан ќе изгледа сосема поразлично и ќе биде совршено бегство за ситуацијата во која се фаќате за глава, бидејќи не знаете што да облечете.



Макси црн фустан

Наместо малиот црн фустан, одберете макси фустан во црна боја, едноставно скроен, што сам по себе е класичен и елегантен. Она со кое ќе го направите помодерен се чизмите до глуждови и некоја поголема, тренди чанта.



Блуза и здолниште

Облечете најобична блуза со долги ракави, а потоа комбинирајте ја со плисирано, металик здолниште кое има должина до под колената. Така ќе споите едно сосема обично парче облека со нешто што во овој момент е популарен тренд и ќе имате модна комбинација која ќе можете да ја облечете секогаш и секаде.



Џемпер со фармерки

Иако зимските денови се зад нас, некои омилени џемпери сѐ уште можете да ги искористите. Во комбинација со тесни фармерки и чевли со висока потпетица ќе добиете совршен изглед.



Тегет аутфит

Бидејќи тегетот е новата црна за оваа сезона, една монохроматска модна комбинација во оваа боја ќе биде одлично решение за многу прилики кога нема да знаете што да облечете, а потребен ви е пристоен, ненападен и впечатлив изглед.



Кратко здолниште со џизми

Доколку одите на некој настан, а знаете дека ќе се појавите на само неколку минути или половина час и дека нема да ја соблекувате јакната, тогаш имаме одличен предлог. Искористете ги чизмите над колена и облечете некој пократок фустан кој секако нема ни да се гледа и преку целата комбинација додајте мантил што ќе го заврзете околу струкот. Потребна ви е само уште една поголема чанта и спремни сте.



Бела блуза на фармерки и кожена јакна

Белата блуза, фармерките со рамен крој и кожена јакна преку целата комбинација е сето она што ви е потребно за да излезете од домот полни со самодоверба, бидејќи знаете дека изгледате одлично.



Плисирано здолниште со џемпер

Ова е можеби за посмелите, но и за девојките кои сакаат винтиџ стил. Плисирано здолниште, оксфордки, и уште еден широк џемпер, ќе создадат модна комбинација која навистина ќе ви даде еден совршен изглед.