5 идеи како да не фрлаш храна и да придонесуваш кон одржлива животна средина
Не знам дали ти е познат концептот “nose to tail eating”, но сигурно знам дека фрлаш храна :). Овој израз означува наоѓање начин како да подготвиш храна од животинско потекло без да фрлиш ниту еден дел. Истиот концепт постои и за храната од растително потекло и е наречен “root to leaf eating”.
И двата се доста трендинг во Америка. Постои се погласната потреба од посвесно размислување за животната средина и фрлањето на храна. Целата идеја е да се искористат сите делови од растенијата и животните. Статистички гледано просечен Американец фрла 1.600 долари годишно во неискористена храна.
Кај нас сигурно не се толку големи суми, но сигурен сум дека и на нашево поднебје се фрлаат огромни количини на неискористена или расипана храна. Од една страна гледаме секојдневно гладни луѓе кои што би можеле да помогнат за да не се фрли храната и во исто време да добијат бесплатен оброк. Од друга страна отстранувајки различни делови од растенијата како лушпи и корења се откажуваме од доста хранливи вредности. Лушпата е дел од растението што е во постојан допир со сонцето, додека коренот е во постојан допир со почвата, водата и хранливите вредности.
Не купувај “за да има”
За ова може да учиме од Италијанците. За нив се вели дека се луѓе кои што купуваат храна ден за ден. Тоа значи секогаш свежо и секогаш во количини колку што ни се потребни. Не се трошат ниту пари ниту се создава потенцијал за да се фрла останата храна.
Измиј, исечи, замрзни
За овошја и зеленчуци што не може да се најдат веќе средени и замрзнати во маркетите постои друга стратегија. Ова го научив од жена ми. Секогаш знае да ги среди (измие и исече) различни зеленчуци, печурки и слично па да ги замрзне и истите да ни се при рака за брзо приготвување. Така нема да ти овене или скапе во фрижидер и нема да фрлаш храна.
Конзервирај привремено
Ова го научив кога бев на work and travel во Америка и работев во кујна. Често во кујната се случуваше во Понеделник или Вторник да приготват салати за некаков поголем настан кој што се случуваше во викенд. Ги сечеа зеленчуците и правеа готова салата без зачини и дресинг. Садот во кој што стоеше салатата го покриваат со најлоснка стреч фолија, врз неа ставааа хартиен бришач за раце (2–3 слоеви). Потоа го прскаа со лимонска киселина, на крај уште еднаш ставаат најлонска стреч фолија и го ставаа во фрижидер. Всушност продуктот нема допир со воздух и од лимонската киселина има заштита од слободни радикали што ги овенуваат и скапуваат зеленчуците и овошјата.
Не фрлај лушпи и корења
Подобри опции се да ги јадеш затоа што во нив се кријат многу микронутриенти и влакна. На пример корењата можеш да ги искористиш за супа. Едноставно вари ги подолго и мора да попуштат, потоа изблендај ги, додај им добри зачини и ете ти добра крем супа. Лушпите ако ти сметаат тогаш користи ги за блендирање во смути. Или компостирај, односно не ги фрлај во стандардната ќеса за ѓубре туку селектирај ги и фрли ги во природа.
Ретвитни оброк
Не знам дали знаеш за оваа инцијатива но е предобра. Всушност можеш да подариш оброк или храна на загрозени групи на граѓани. Ако не се чувствуваш дека нешто што ти стои дома ќе го изедеш, тогаш зготви го пред да се расипе и поклони го.
И за крај најди си ти твој иновативен и позитивен начин како да не фрлаш храна.
Јосиф Дамјанов