Зошто здравото хранење го наградуваме со junk food
Колку често ти се има случено ова? Да ти се спојат неколку денови со физичка активност и добра исхрана по што следи еден добар сочен сладолед. Или затоа што кога излезе со друштво изеде салата наместо похована даска и помфрит следниот ден да си земеш за право и да се почастиш со некое чоколатце :). Или да видиш позитивна промена на вага и следниот ден да ја дуплираш количината на алкохол од онаа што вообичаено си ја практикувал… Што всушност се случува тука? Зошто нашите добри резултати ги наградуваме со лош избор на храна?
За оваа појава постои и терминологија. Луѓето од социјална психологија ја викаат “само-лиценцирање”. Тоа е термин што ја објаснува појавата кога нашето добро однесување го наградуваме со нешто што не би го направиле вообичаено — кога си даваме дозвола да бидеме малку “лоши” како награда за тоа што сме биле “добри”. Практично природно сакаме да избалансираме добра и лоша храна и добро со лошо однесување.
Еве како функционира ова. Сигурен сум дека си свесен и запознат што значи да јадеш здраво — и што е уште поважно знаеш дали го правиш тоа или не го правиш, па макар и да си наоѓаш 300 изговори. Сепак длабоко во себе си свесен дека или се храниш правилно или не. И, доколку твојот избор на хранење спаѓа под дефиницијата “здрава храна”, најверојатно нема да чувствуваш потреба да балансираш.
Од друга страна, да претпоставиме дека правиш екстремни избори. Или си максимално добар и дисциплиниран, или тотално нездраво живееш. Во овој случај имаме поголема тенденција да балансираме и да носиме одлуки во спротивниот екстрем. На пример ако денес си играл кошарка или фудбал со друштво и си дал максимум на теренот, ќе имаш тенденција вечер да се почастиш со пица да речеме. Или доколку си имал вечера што била максимално калорична, мрсна и потопена со алкохол, најверојатно следниот ден ќе бидеш на пост :).
Ова само-лиценцирање е присутно секојдневно. Кога одиме во ресторани изборот во менито е тесно поврзан со претходниот ден. Ако сме биле “добри” ќе се почастиме со гарнир помфрит на местото на ориз или вариво. И, обратно. Истото се случува и со изборот на храна во маркет. Доколку во корпата преовладуваат здрави продукти има големи шанси на пат кон дома да се почастиш со чоколатце.
Баш поради оваа природа на луѓето, познавам многу од моите пријатели и клиенти кои во почетокот од нивната “диета” биле екстремни и губеле многу килограми уште во првиот месец, за да потоа поради чувството дека треба да се наградат си дозволуваат преголем подарок, завршуваат со приказната и ги враќаат килограмите назад.
Она што го советуваме на луѓето е дека неделно 1–2 оброци можат да бидат “лоши” баш поради оваа природна појава и чувството дека сепак јадам и тоа што ми сака душа. Но, само 1–2 оброци, а остатокот од обврските околу количина на вода и редовност на оброци не ги коментираме. Тоа е доживотна потреба на телото и наша одговорност.
The Better Nutrition