Многу ми е жал што се ви појави јавна соба | Trendseteri
Menu

Многу ми е жал што ви се појави јавна соба

Умееме толку многу за да се продадеме толку ниско

 

Многу ми е жал што ви се појави Јавна соба. Многу ми е жал што мораше да ви се појави таа за да отворите очи. И којзнае дали некој нешто пак ќе види после ова.

Доцна во ноќта ми дојде ова размислување, но едноставно мораше да го напишам. Затоа што го размислувам уште одамна. Уште како тинејџерка. Отсекогаш постоеле овие фази. Збеснати хормони, спознавање на себеси и ‘булинг’ (најсоодветен термин ми е!). Тоа постоело и ќе постои во човештвото.

Но, луѓе, зарем денес не го гледате она што јас го гледам? Интернетот е преполн со вулгарни слики. Да, девојчињата ќе ги карам. И во мое време (не дека сум сега стара), кога бев тинејџерка, имаше девојчиња кои немаа вкус и морал, но сега веќе како сите да сте ископирани. Инстаграмот посебно е преполн со такви слики.

Дали зборувам за разголените слики? Не, зборувам за невкусните слики. Женското тело е совршено и немам против голотија, но тоа направете го со вкус, а не вулгарно. Сликајте се и голи ако сте модели и ако ве плаќаат за тоа. Но, има разлика. Јас гледам и платени и неплатени девојки и жени кои имаат слики на кои на сите се со задникот напред. Некогаш ми е смешно, некогаш ни се плаче. Најчесто ме лути. Сакам добра фотографија, но тоа на ништо не личи, бре! И најтажното е што сето тоа го прават само за лајкови и праќаат премногу погрешна порака.

Девојчиња, вие сте идни жени кои треба да се научите на манири. Тие манири токму вие ќе ги пренесувате. Не ставајте црна дамка на себеси само за да се покажете пред врсниците за да добиете допаѓање, социјалните мрежи утре може да ги нема. Зошто да ве покажуват со прст? Бидете паметни, верувајте дека момците тоа повеќе го сакаат.

И не зборувам за оние момци кои биле во Собата.
Тие не се џентлмени.
Не ви требаат.

Интернетот научете да го користите за добри цели. Истражувајте, едуцирајте се, збогатете се со знаење. Научете како се прави добра фотографија без да бидете вулгарни, почитувајте го своето тело.
Божествено е!

Како и секогаш, јас сите мои социјални мрежи ги користам за едукативни цели. Сакам да пренесам порака, естетика, писменост, манири, култура, љубов, емоции.
Сè она што денес не е во мода.
Да, девојчиња, вас ве карам затоа што секогаш прво ќе бидам на страната од жената затоа што е најсовршеното нешто што Господ го дал.
Умееме толку многу за да се продадеме толку ниско.
Вредите.
Поправете се.

Марија Лозаноска