Насмевката е второто најубаво нешто после бакнежот | Trendseteri
Menu

Насмевката е второто најубаво нешто после бакнежот

Интервју со Д-р. Габриела Димеска


Неверојатно е колку лицето на човекот може да се промени со една едноставна и топла гестикулација-насмевката.
 
Совешената насмевка доаѓа од телото и душата. Затоа здравите заби се предуслов за вашето целосно здравје. Но, што представуваат здравите и убави заби, како да се победи стравот од стоматолошки интервенции, колку исхраната влијае врз здравјето на устата?
 
Повеќе за сето ова разговаравме со Д-р.Габриела Димеска, доктор по стоматологија во стоматолошката ординација Димеска-Раптис.
 
 1.  Д-р.Габриела, можеме ли да за почнеме со едноставно прашање, што претставуваат здравите и убави заби?
 
         *** Здрави и убави заби,нешто што не верувам дека постои некој кој не посакува. Здравите и убави заби го подобруваат квалитетот на животот на секоја индивидуа од повеќе аспекти. Освен што со забите како органи ја џвакаме храната која ја внесуваме во организмот, тие се на некој начин наш личен печат. Сакале ние да признаеме или не, убавата насмевка е предуслов да ги здобиеме симпатиите и оставиме убав впечаток кај соговорникот. Тоа меѓудругото значи дека, убавата насмевка, која ја красат здрави и убави заби, директно влијае на нивото на самодоверба, а со тоа и на социјалниот живот. Кога сме задоволни со насмевката, задоволни сме со самите себе. Затоа сме ние стоматолозите да Ви го овозможиме тоа задоволство, да се погрижиме и да сездадеме насмевка за која будни сонувате.
 
2.  Сите сме свесни дека одењето на стоматолог често се поврзува со чувство на страв. Како да се победи тој страв и како Вие се справувате со тоа?
 
        *** Една голема вистина е дека стоматолошките интервенции се стресни за пациентите. Сите сме ние различни, со различен степен на издржливост, но и кај најхрабрите постои одредена доза на страв. Стоматологот е тој што треба да биде прво психолог, да го процени пациентот за да може да се заврши работата, а при тоа да се сведе стравот на минимум. Стравот го снемува кога ќе се соочите со него. Јас лично се поставувам другарски со пациентите, не постои стерилна релација пациент-доктор. Тие тоа го чувствуваат и се е полесно, како за мене,така и за нив. Се чувствува позитивната енергија,а тоа зависи од тимот кој работи во една ординација.
3.  Колку влијае исхраната и начинот на живот врз здравјето на устата?
 
       *** Забите се органи кои за да се регенерираат и одржуваат по природен пат, потребна им е правилна исхрана. Потребни се минерали и витамини, особено тие витамини растворливи во масти А, Д, Е, К. Овошје и зеленчук богати со диететски влакна. Млеко и млечни производи богати со калциум. Зелен чај кој содржи полифеноли, кои го редуцираат бројот на бактерии во усната празнина, односно го инхибираат нивното размножување. Доколку изостануваат здравите и свежи намирници, во усната празнина ке преовладува кисела рН средина, која ке доведе до побрзо оштетување како на забите, така и на меките ткива.Исто така и шеќерите ја зголемуваат киселоста во усната празнина. Фосфорната и лимонската киселина од газираните пијалоци ја оштетуваат глеѓта на забите. Ке го напоменам стресот како многу важен фактор кој влијае врз здравјето во устата.
 
4.  Што во моментов е тренд во забната индустрија и дали тие трендови се достапни кај нас?
 
      *** Светските трендови веќе подолго време перзистираат и кај нас. Најголема заинтересираност од страна на пациентите е по однос на естетската стоматологија. Хит е цирконијата, безметални керамички протетски изработки (коронки и мостови), ламинати, белеење на заби, како и имплантите. Секако дека сум во тек со сите случувања и технологии во стоматологијата и сето тоа го применуваме во нашата ординација.
 
5.  Кој е Вашиот предизвик?
 
    *** Предизвикот се секогаш задоволни пациенти, здрави заби, убави насмевки, среќни лица, Особено сум задоволна кога од невозможното ќе се направи возможно, на задоволство на пациентот и мое, секако.
 
6. Кога и како се појави Вашата љубов кон стоматологијата и колку време се занимавате со оваа професија?
 
    *** Желбата се појави многу одамна, уште минатиот век хахаха….Како дете бев редовна на стоматолошки преглегледи и интервенции и со внимание го следев секој еден потег што го правеше стоматологот. Не размислував на болка, едноставно бев фокусирана на тоа што ќе земе докторот, па што ќе направи со тоа, па што ќе биде следно итн. Постепено почна да се развива желбата да бидам и јас еден ден од другата страна на стоматолошката столица. Сега, како доктор по стоматологија, можам да кажам дека изборот на професија ми е полн погодок. Работам со љубов и максимална посветеност десет години, од кои последните четири години сме заедно со Д-р.Теодора Раптис, во нашата ординација Димеска-Раптис во Скопје.
 
7. Покрај тоа што работите како стоматолог, Вашето хоби е сликањето. Колку имате време за тоа и која Ви е последна слика?
 
     *** Со оглед на тоа дека поголемиот дел од денот сум во ординација, дека сум мајка, имам единаесет годишна ќерка, не нешто многу имам време. Кога ке најдам можност, ја земам четката и буквално заборавам на се. Сликам за моја душа и ништо повеќе. Уживам во мирисот на боите. Последната слика ми е направена пред некои 3-4 месеци одприлика, една пеперутка на чии што крилца е испреплетена една приказна.
8. Што би им посакале на нашите читатели во оваа 2019 година?
 
    *** Да бидат во добро расположение и позитивна мисла, да се сакаат прво себе, па потоа другите.Ако немаме љубов кон себе, немаме кон никого и ништо. Да уживаат во секој еден ден, да бидат во мир со самите себе, да го живеат својот живот, а не туѓиот. Да тежнеат кон остварување на своите соништа, да се смеат. Насмевката остава добар впечаток и чувство на привлечност. Нема поубаво нешто од насмеано и ведро лице, кое зрачи со позитивна енергија. Насмевката е второто најубаво нешто што може да го направите со вашите усни, после бакнежот.