Како ти ќе дефинираш што е идеална диета
Коса ми се крева кога на интернет и по медиуми се зборува за тоа што е идеална диета која што до сега “не сте ја слушнале” и треба да биде прифатена од секого. Идеална диета е онаа што најдобро функционира за тебе.
Кога во школата за исхрана ќе се сретнам со нова личност на која и треба помош со исхраната прво нешто што ме интересира е кратка историја и нејзините цели. Дали до сега има пробувано? Зошто ја сака таа цел? Што се причини што до сега не успеала? Зошто можеби вратила килограми? Како и изгледа денот?
Сето ова ми помага да донесам “дијагноза” и да претпоставам што не сака и што ја мотивира личноста. Не ме интересираат ниту калории ниту витамини. Низ овие прашања и разговор ми станува јасно колку труд е спремна таа личност да вложи. Ми станува јасно какви очекувања има. И, ми станува јасно со кои нејзини стравови ќе треба да се справуваме.
Дали една диета ќе функционира за секого?
Се разбира дека не! Низ сите овие години на работа имам експериментирано многу со храната и сум заклучил едно нешто. Мораш да си го најдеш својот дом и начин на исхрана што ќе го практикуваш цел живот. Идеална диета е исхраната која што ќе се прилагоди на твојот ден, а не обратно. Денес сме преплавени со фастинг, кето, хроно, ун, крвна група, интолерантност итн. Сите тие функционираат, но прашањето е дали можам јас да ја практикувам цел живот. Многу поверојатно е да се случи 2–3 месеци екскурзија. После тоа се враќам на единствениот познат начин на исхрана, а тоа се старите навики.
Идеална диета не подразбира дека треба наеднаш да промениш се
По ова прашање барем јас сум непопустлив. Едно е што мислиш дека сакаш, а друго е што навистина ти треба. Понекогаш луѓето се во заблуда обидувајќи се да остварат цели кои што некој друг ги поставил за нив. Најчесто тоа се мајка, татко, сестра, брат, партнер или некој случаен вежбач. Ако те “трујат” како треба да јадеш, да вежбаш и да изгледаш, тогаш пред да почнеш со диетата треба да поразговараш со нив. Треба да ги замолиш да не ти коментираат затоа што не ти помагаат. “Јас да сум на твое место” звучи супер, но никој не е на твое место.
Друго нешто што треба да направиш е да не дозволиш ентузијазмот да те сопне. Што мислам со ова. Многу луѓе на почетокот поради наплив на мотивација знаат да се залетаат со многу промени одеднаш. Знаат преку ноќ да ги сменат продуктите што ги јадат. Ја менуваат редовноста на оброците, ќе ја сменат количината на вода. Ќе се откажат од многу пороци (благо, грицки, тесто, сокови). И за крај ќе почнат да вежбаат. Најчесто ова завршува фатално. Жонглирање со 5 топчиња од утре нема да ти успее. Почни со 2.
Дали си спремен за бавен процес во твојата идеална диета?
Ако очекуваш дека ова е процес што ќе потрае само одреден период, тогаш си грешка. Најдобриот начин да останеш фрустриран/а со темата исхрана и вежбање е да те интересира времето и брзината. Многу од луѓето со кои што работам се преоптеретени со тоа за колку време ќе постигнат нешто. Брзина во процесот е единствено во ред доколку се работи за хроничен проблем или дијагноза. Секогаш ќе има некој побрз и подобар. Дали тоа значи дека постојано ќе се сомневаш дека твојот процес не е добар. Остави ги тие проклети бројки на страна и уживај во процесот. Диетата треба да ти биде начин на живот, а не краткорочен зафат колку да поправиш нешто.
Најди што е она што тебе ти прави добро чувство и ти одговара на денот, карактерот и целите
Постојат многу патишта кои што водат до иста дестинација. Некои се побрзи, некои се поопасни. Некои се поживописни, некои се со по некој дефект по пат. Затоа прво научи си ја својата кола за каков пат е.
Што е она што тебе не ти се допаѓа. Што е она што те плаши. Што е она што јадеш, не јадеш, сакаш или не сакаш да го правиш. Почни од таму и превземи си ја целата одговорност. Начинот на кој што ќе се храниш, како ќе вежбаш и кои одлуки ќе ги носиш за животниот стил се твои — ти ги поседуваш! Исто така треба да прифатиш дека можеби не си човек што ќе биде посветен 100%. Тоа е сосема во ред, нема идеално. Па што ако биде побавно? Па што ако исполниш само 70% од зацртната цел? Тоа не значи дека не си победил.