„Here I stand“ | Trendseteri
Menu

„Here I stand“

Одбрана е евровизиската песна за Васил!


Here I stand е насловот на евровизиската песна со којашто македонскиот претставник Васил Гарванлиев ќе настапи на 65-тото издание на Евровизија во мај во Ротердам.

Песната е работена според мелодија и текст на самиот Васил, а за аранжманот и продукцијата ќе се погрижат Борче Кузмановски и Давор Јордановски.


Изјава Васил Гарванлиев:

Во целиот хаос и бура од разочарувања минатата година, Here I stand се напиша” во еден здив, без притоа да помислам за каде и за кого ја пишувам песната. Веројатно тие се оние ретки моменти кога ќе се споите сами со себе и ќе оставите вашата емоција да ве понесе без да ја осудите”, туку ја оставате да истече од вас во најискрената форма.
Особено сум горд што ја имам можноста со автобиографска песна да ја претставам Македонија на Евросонг. Велат дека секој човек си носи барем една песна во себе, Here I stand е мојата песна што едвај чекам да ја запеам на сцена!
Им благодарам на сите кои ме поддржуваат и веруваат во мене. ( Васил Гарванлиев )

Песната ќе се снима во ренoмираното студио Fames во Скопје, со симфониски оркестар во живо, а придружните вокали ќе се снимаат во Чикако, од страна на поранешни членови на Детскиот Хор на Чикаго, каде и самиот Васил членуваше како дете.

Борче Кузмановски во македонската јавност е познат како клавијатурист на групата Нокаут, мулти-инструменталист кој соработува со речиси сите еминентни имиња од домашната поп, рок, џез и алтернативна сцена. Ангажиран е како продуцент и инженер на звук со портфолио кое вклучува повеќе од 500 музички дела за филм, театар, радио драма, промо видеа, трејлери, а соработува со домашни и странски корпорации за музика и семплови.

Давор Јордановски во Канада веќе дваесет години гради успешна кариера како изведувач, композитор и продуцент, во свои и проекти со други истакнати музичари. Зад себе има повеќе авторски албуми, а полето на делување му е прилично широко, од поп и џез музика, преку филмска и класична, па се до амбиентална, R&B и современа музика. Неговата работа како композитор, аранжер и продуцент вклучува компании како: Sony/ BMG, Westar Music, Sound Ideas, MDScoring.

Изјава Мери Попова – шеф на делегација:

И годинава одлучивме да го употребиме јавниот повик, испраќајки отворена покана до домашните и авторите надвор од земјата да се вклучат во селекцијата на евровизиската песна, како еден од начините да добиеме што пошироко понуда на песни, бидејќи никогаш не знаете кој ја има „вистинската“ песна. Задоволни сме од одзивот на авторите и од квалитетот на преслушаните демо и финални снимки, а тим од музички уредници од Македонската Телевизија и од Македонското Радио се согласи дека „Here I stand“, најмногу им прилега на вокалните способности и уметнички афинитети на Васил.Имајќи ја предвид големината на настанот, за одбраната песна се подготвува комплетен аудио-визуелен концепт, со кој се надевам дека сите ќе се гордееме“.( Мери Попова )

 

Песната Here I stand со видео запис ќе биде промовирана на почетокот на месец март.

Македонскиот претставник Васил Гарванлиев веќе ја сними и евровизиската разгледница, годинава во виртуелно студио во МТВ. Со цел да се избегне патување, организаторите на Евровизија осмислија креативни видео разгледници, во кои секој од учесниците ќе се појави на различни локации во Холандија преку холограм.

 

За Евровизија 2021:

На три месеци до Евровизија, организатирите се одлучија на реалистичен пристап, фокусирајќи се во моментов на реализација на сценариото Б, според кое Евровизија ќе се организира според усвоени протоколи за заштита од ковид 19, што подразбира настан со присуство на делегациите во Ротердам, но со примена на социјална дистанца, чести тестирања во арената, редуциран капацитет на публика, кој може да се движи од 0% до 80%, во зависнот од моменталната состојба и пропишаните закони на локалните власти. За непречено одвивање на шоуто и во услови на неопходни промени во последен момент, секоја национална телевизија мора да обезбеди претходно снимен настап од својот претставник, кој евентуално ќе се искористи во зависнот од потребите на даденото сценарио.