Селин Дион го претстави Инстаграм шопингот | Trendseteri
Menu

Селин Дион го претстави Инстаграм шопингот

Платформата покажа како ќе изгледа шопингот во иднината

 

Музичката дива Селин Дион отсекогаш претставувала модна камелеонка. Од нејзиниот експлозивен пробив на сцената во 90-тите па се до ден денес, канадската пејачка со чудесен глас секогаш храбро експериментирала во модата, без разлика дали се работи за гламурозни комбинации на црвениот тепих, или пак, лежерни street style изгледи.

Но нејзиниот стил посебно блесна во последниве неколку години кога секое нејзино појавување во јавноста е детално анализирано од будното око на новинарите на познатите модни магазини, секако со воодушевувачки коментари.

Модното влијание го препозна и најпознатата социјална мрежа Инстаграм, платформа која ја промени модата, ги создаде модните инфлуенсерки и стана неизоставна алатка за цела индустрија.

Токму на почетокот на празничната еуфорија, беше претставено рекламното видео во кое Инстаграм на маестрален начин, во висок стил ја најави новата шопинг опција. Во видеото главната улога ја има токму Селин Дион, а за потребите на инстаграм промоцијата поп ѕвездата направи remake од нејзиниот хит од 90-тите “It’s All Coming Back To Me Now”.

Во видеото се прикажани парчиња на познатите модни брендови како Natori, Revolve, Good American, Michael Kors, Marc Jacobs, Adam Selman Sport, Bershka, Oscar de la Renta и Retrosuperfuture, а прекрасната модна комбинацја која на Инстаграм видеото ја носи Селин Дион ја смисли познатиот стилист Mel Ottenberg, кој стана популарен по неговата соработка со Ријана.

Светот рапидно се менува, а видеото јасно покажува како ќе изгледа шопингот во иднината.