Боите што ќе ја освојат новата сезона | Trendseteri
Menu

Боите што ќе ја освојат новата сезона

Уште само неколку недели до летото каде што сѐ „пука“ од бои!


Пристигнува она годишно време во кое можеме да си играме со модните комбинации, боите и аксесоарите за да создадеме позанимлив и пооригинален изглед кој ќе нè издвои од толпата. Уште само неколку недели до летото каде што сѐ „пука“ од бои! Кончено можеме да заборавиме на темните, досадни нијанси и да се препуштиме на колоритноста. Но, што ќе носиме ова лето? Кои бои ќе доминираат? Подгответе се и запишете ги овие бои во вашиот моден тефтер.



Сина

Слободно можеме да кажеме дека во ова лето ќе доминираат сите нијанси на сината боја. Темни, светли, морски, пастелни, електрични, кралски… Доаѓаат предвид сите нијанси што можете да ги замислите. Освен тоа што ќе ја вклучите сината боја во вашите модни комбинации, можете да ја вклучите и во вашата бјути рутина со тоа што ќе изберете сина сенка за очи, маскара, лак за нокти… Сината боја ќе ве следи секаде!



Зелена

Кога станува збор за зелената, тоа што ќе доминира за време на ова лето се војничките парчиња облека, маслинесто зелените нијанси, како и пастелните доколку сакате понежен изглед, а топ тренд е каки нијансата на зелена боја на која ѝ се предвидува голем успех во уличните модни комбинации и тоа особено во текот на летото. Силно зелената боја, исто така, изгледа доста добро доколку сте фан на впечатливите нијанси.



Виолетова и розова

Осумдесеттите години се вратија повторно во мода, а тоа најлесно може да се воочи токму поради изборот на сите нијанси на виолетова, розова и слични тонови. Силните нијанси можеби се тешки за комбинирање и носење, но тие претставуваат вистински моден предизвик. Доколку сакате да изгледате посуптилно и понежно, тогаш избирајте ги пастелните тонови на овие нијанси. Исто како во случајот со сината боја, и виолетовата и розовата се дозволени кога станува збор за шминката.



Портокалова

Не само што е ултра модерна боја за ова лето туку е и боја која му прилега секому! Ќе изгледате одлично во сите варијанти, без разлика дали ќе изберете светли или темни нијанси, елегантни или спортски комбинации… Супер боја за супер тренди девојки!



Црвена

Боја која асоцира на страст, на стил, на гламур, на самодоверба, на сексапил. Одлично изгледа во целосно црвените модни комбинации, но и во комбинациите кои вклучуваат само еден црвен детаљ. Исто така, одлично се снаоѓа и во шминката. Едноставно, не постои никаква причина за да ја избегнувате оваа боја.



Бела

Белата е дефинитивно една од оние „вечни“ нијанси на бои. Сепак сега е лето и нормално е да ја обожаваме оваа боја. Можете да ја носите во целосно бели модни комбинации, но и да ја комбинирате со парчиња во која било друга боја и секогаш да изгледате прекрасно. Лесно се валка, но изгледа бескрајно стилски.



Корална

Бојата на корал е еден од најомилените избори на тредсетерките веќе две години, и изгледа дека не ја губи својата популарност. Според тоа, ако имате намера да ја додадете во палетата која се наоѓа во вашиот гардеробер, не двоумете се. Оваа боја можете да ја носите во облик на „винтиџ“ блузи или впечатливи чанти на преклоп. Изборот е ваш!



Крем

И за крај, уште една нијанса со која нема никогаш да погрешите. Нежна, суптилна, прилично добра за сите прилики и стилови, а изгледа одлично кога се носи со разни нијанси на истата боја. Одлучете се за целосно крем комбинација, но нека нијансите барем малку се разликуваат за на вашиот монохроматски стил да му дадете една динамична нота.