Антониа Гиговска излезе со нејзиниот прв сингл – „Невреме“
Младата и талентирана пејачка Антонија Гиговска по учеството и победите на неколку интернационални музички фестивали и толкувањето на главната улога во мјузиклот „Тајно моја“ во МОБ, посветен на Тоше Проески, го сними и својот прв видеозапис за песната „Невреме“, чија промоција се случи денеска на пладне во кафе-барот „Интермецо“ во Скопје.
Автор на музиката и на аранжманот за песната е Лазар Цветковски, текстот го напиша Магдалена Цветковска-Ена, а спотот го режираше Ана Јорданова. Продукцијата што застана зад овој проект е „Лумнари медиа“, а снимањето го помогна и винаријата „Стоби“, како главен медиумски спонзор.
Режисерката Ана Јорданова ја отвори промоцијата, истакнувајќи дека Антонија Гиговска е млада пејачка, која има големи таленти и потенцијали во себе. Нејзините три гран при на интернационални музички фестивали во Македонија и во странство се доволен доказ за тоа.
– Сите овие успеси што ги постигна Антонија досега доведоа и до почетокот на нејзината солистичка кариера. По настапот на минатогодишниот „Макфест“, каде што таа го освои третото место и наградата за најдобар дебитант, таа ја сними и песната „Невреме“, а во реализацијата на спотот за неа, всушност нејзин прв видеозапис во кариерата, со големо задоволство и јас ѝ помогнав. Се запознавме на еден нејзин настап, каде што, како и целата публика, ме одушеви со својот глас и спонтано на нејзините родители им реков дека би помогнала во реализацијата на некој нејзин нареден проект и на обострано задоволство таа соработка денеска ја промовиравме – истакна режисерката Ана Јорданова.
Антонија Гиговска, поздравувајќи ги присутните, изрази благодарност до сите соработници.
– Би сакала да им се заблагодарам на сите луѓе што застанаа зад мене во реализацијата на овој видеозапис, пред сѐ на Ана Јорданова, која го режираше спотот за „Невреме“, и на нејзината продукција „Лумнари медиа“. За шминката се погрижи Даниел Николовска, а Фросина Ангеловска ги изработи костимите. Секако цело време ја имам поддршката од моите родители, а сето ова немаше да се случи да не беа Лазар и Магдалена Цветковски, кои напишаа прекрасна песна за мене. Видеоприказната за „Невреме“ ја снимавме долго, околу шест месеци, но сакавме заедно со режисерката Јорданова, ова да биде навистина добар производ, бидејќи станува збор за моја прва песна со видеозапис. Би сакала тој да остави голем печат и да придонесе песната „Невреме“ да биде уште послушана. Со Ана сакавме да донесеме нешто ново на македонската естрада и верувам дека успеавме во тоа. Имав голема поддршка од неа и од целиот тим. Снимавме на повеќе локации, во винарницата „Стоби“, на Сува Река, на неколку моста… Има сцени и во соба, бидејќи сакав да ја покажам и мојата тинејџерска страна, зашто имам само 16 години – рече на промоцијата Антонија.