Вардар е на сите нас - Вардар сум јас!!! | Trendseteri
Menu

Еден Живот, една Љубов!

Вардар, е река која симболизира живот. Вардар е и клуб. Поточно неколку клуба. Еден од нив е ракометниот клуб Вардар.

 

Кога некој би се присетил на претходните спортски успеси, можеби Вардар е онаа победа со еден кош разлика на МЗТ во средина на 90-те против Реал Мадрид сред Аеродром? Јас се сеќавам, зошто имав чест да присуствувам, да бидам таму и заедно со уште 2000 грла да извикам во знак на радосна екстаза. Сигурно Вардар е и не така дамнешниот пласман на Македонија во полифинале на Европско првенство во кошарка, во 2011 година. Реално кажано, Вардар е нешто повеќе, Вардар е нешто посебно, помоќно, поемотивно!

Вардар беше клуб кој играше во сала која не задоволува никакви интернационални стандарди, онаа на Кале. Тој Вардар беше најмногу за домашни, не за меѓународни подвизи. Да сме искрени, Металург е клубот кој повлече нога во европското ракометно надигрување – Лигата на шампионите. Секој љубител на спортот памти дека Вардар беше бледулав, без доволен карактер, со преголема желба да се вивне, но без реална визија.

И тогаш се случи чудо!

Мојата сала, во која растев и во која ги доживував првите тинејџерски спортски емоции, салата на МЗТ беше срушена, за на тоа место да никне нова сала, каде кошаркарите би биле гости и би тренирале во споредната сала! И тогаш, токму тогаш почнаа кошкањата на плавобелите навивачи…Нема да имало плави столчиња, туку црвено-црни, па зошто да се предаде нешто што е симбол, а да се биде потстанар десетици, децетици години… Јас, како навивач од редовите на МЗТ, бев општо воздржан, но и со мала доза на возбуденост реагирав на таа промена. Промената значи надеж, промената значи можности, промената значи спортска симболика за младите од најголемата општина, но и за сите млади од цела земја. Промената некогаш значи и патење, но која радост е поголема од онаа среќа искусена после патењето?

Го следев секој чекор во изградбата на салата, гледав слики како тече градбата, секој метар, во висина, во ширина, во мене се будеше некоја непозната емоција, неприродно силна. Ми се допаѓаше тоа што ќе постои место за кое некогаш ќе раскажуваме историја. Но, не бев ни од далеку свесен за каква историја ќе стане збор.

Се отвори салата и надојдоа информации дека Вардар ќе биде голем. Не верував, како што секој нормален не веруваше, но потајно се надевав дека можеби. За некој кој бил плаво-бел, кој не требаше да сака и да очекува и мисли на иднината на “Вардар од Градски, од Кале” ова не беше шок, ниту проблем. Треба да сме свесни дека токму надежта предизвика дечките во плавобело да докупат уште една црвеноцрна униформа, во која ќе се преслекуваат секој викенд од сезоната кога гордо одеат на мечевите и го бодреа дотогаш „тимот од Кале“! Единствено што ми фалеше е можеби информативен борд со податоци и слики за салата на МЗТ, за историјатот, но не внатре, туку надвор!

Од тој ден, па до денес, на спортски план, ништо повеќе не е исто. Кога имате еден клуб кој рамо да рамо игра со најдобрите и успешно се справува во борбите. Кога имате тим кој заслужено полни сала до последно место и секој го добива тоа што очекува од платената услуга, и многу повеќе, тогаш е вистинско уживање и ритуал тој ден кога се оди на меч!

Денес Вардар е голем, но испадна преголем залак за нашиот спортски потенцијал. Излезе на виделина дека клубот е вештачки одржуван во живот. Но, на крајот, тој Еден Живот испадна Една Љубов!

ЕХФ на почеток на годината не го сврсти Вардар како финалист, не прв пат. Но, колку пати овој клуб, тие играчи, менаџментот го докажуваа обратното од тоа што јавноста или институциите, федерациите ќе сакаа да го презентираат јавно и гласно?

Денес, 1 јуни 2019 година, почнува Ф4 турнирот на најдобрите од Европа и светот.

Вардар е за мене сеуште владетел на Европа, шампион и имам за тоа моќни аргументи. Шампион во вистинска смисла на зборот, кој ќе се обиде да го одбрани трофејот и да го донесе на местото каде порано имаше лимена, средно-голема по површина, неклиматизирана сала за кошарка. Свесни ли сме дека овие дечки немаат земено исплата за својот труд и посветеност кон клубот цела оваа сезона, цели 8,9 месеци!?! Да прашате државен административец што би направил да не земе плата толкав период ќе ви каже не дигам телефони, не постојам, не се јавувам на работа, не ме интересира ништо! Сите работиме за да опстоиме, но, вардарци работеа со голем ризик да не постојат. Секој од нив, јунаци, препозна визија за иднината, за себе, за клубот, за навивачите, за управата, за градот. Да го немаше овој успех невозможно ќе беше да се пронајдат спонзори во толку краток период кој ќе вдахне повторно Еден Живот, за Една Љубов.

Овие дечки, од кои во идеалниот тим на сезоната составен од 10 лица пола се од овој клуб(!!!), се симбол за пркос, непокор, карактер и љубов. Заслужен за тоа, меѓудругото, е капитенот Столе кој гради борбена енергија одвнатре, но и навивачите однадвор, кои ни на еден момент не дозволија вардарци да почувствуваат пауза во воздишките. Кој од нас на почеток на сезоната мислеше дека Криштопанс ќе се вивне и ќе биде еден од најдобрите трансфери, и тоа заземајќи позиција на атлетичар каков што беше Алекс Душејбаев и дека секој недела ќе биде дел од идеалниот тим на колото? Кој мислеше дека тројца, четворица играчи ќе мора да играат цели 60 минути цела сезона и ќе стигнат до Ф4? Никој, верувам ни нивните мајки! Но, тие покажаа дека за да се оствари нешто што се сака, треба да се биде искрен, посветен, фокусиран на целта и да се посакува тоа нешто со цело срце. Љубовта го краси човека!

Избројте колку пати оваа сезона Браниген урлаше на коментаторското столче по нападите и победите на Вардар, погледнете ги видеата како се испраќаше овој тим на Вардар долги минути после завршување на последниот меч од сезоната на домашен терен, видете ги тие лица на ракометари кои не докрај убедени дека ќе имаат поддршка, дека не се сами, одеднаш стануваат ранет лав, кој извојува најголеми битки! Колку само пати Жика Богдановиќ, од Балкан хендбол, остануваше забезекнат од подвизите на овие момци, колку пати само потенцираше дека овој Вардар заслужува посебно место во историјата на ракометна Европа!

Се сеќавам на Циндриќ, но Скубе и Карачич ми се јунаци што на маката се познаваат, си го споменувам и Душејбаев, но овој Кристопанш беше незаменлив и неуморен, го памтам и Борозан, но одлучи да го остави бродот што тоне, за Дисингер да ја препознае шансата.  Не постојат зборови кои ќе го доловат придонесот на неприкосновениот Дибиров, кој прв пат дојде на трибините во салата Борис Трајковски на меч на женскиот спортски колектив ЖРК Вардар и заедно со сопругата одлучија Македонија да ја прифатат како своја втора татковина! И, секако, таа икона над иконите – Столе Стоилов. Единствен првотимец – македонец, кој улогата капитен ја врши маестрално, кој обединува, мотивира, поттикнува спортски набој или го тонира соодветно на потребите. И на крајот, црешата на врвот од тортата – што да се рече за Парондо, кормилар кој го зема товарот на грб и гради, кој ги седна овие момци и гледајќи им директно во очи им долови на  најдобар можен начин дека ова е нивната шанса да ги победат своите каприци, своето его, а својата машкост да ја докажат и претворат во сила за трепет во очите на сите противници! Што да се зборува повеќе за тренер од земја која ги даде сите тренери на екипите на овогодинешниот Ф4 турнир!?

На крајот, ЕХФ ја призна грешката. И сега повторно навива Вардар да остане во ова елитно друштво. Како никогаш досега, за ништо друго, една меѓународна институција не се дрзнала да застане зад еден колектив и да ја пее неговата химна како ЕХФ, која одлучи цврто да ги промовира вредностите на овој голем клуб за Македонија, за Балканот, за ракометна Европа!

Овој Вардар за мене е сила, моќ која не ја боде ниеден стрела, љубов чиста како солза, карактер како планина. Овој Вардар усреќи многу, не правеше горди. Да, патот беше и трнлив, па не правеше поретко и помалку радосни. Овој Вардар е сонцето во тунелот на катаклизмичната темнина, чувство што некои нема да ја осознаат ни целиот свој живот.

Чест, чест и должност ми претставува времето во кое живеам, заедно со Вардар, заедно со Вас, денес, тука, под сонцето!

Овој Вардар, овој викенд ќе биде за мене доказот дека во животот ако делуваш со полни гради чувства и љубов ќе успееш, ќе го надминеш ненадминливото, ќе се издигнеш над сите висини, ќе бидеш оплеменет!!! Овој Вардар е длабокото во нас. Не на спортски план, не на политички план, туку во хумана смисла.

Овој Вардар е друга космичка димензија, ова се човечки души сплотени во енергетски силос. А таа енергија е надмоќна, највисоко ниво на свесност, далеку од нас – земјаните, а блиску до боговите.

За ова искуство благодарам на Бога, и се молам…. Затоа што Вардар, денес, е симбол на изгубените, Вардар се сиромашните, Вардар се несфатените, Вардар се прељубените!

Вардар е на сите нас!

Вардар сум јас!!!

@Гере Трипков