Болката и солзите не познаваат вера и нација | Trendseteri
Menu

Болката и солзите не познаваат вера и нација

Автопатот Скопје-Тетово-Гостивар, како мост кој нè спојува


Кога трагедијата ќе нè обедини, ќе нè сплоти во едно… Кога секој на различен јазик му се моли на истиот тој Бог, за доброто на сите кои се во мака. Солзите и болката не познаваат вера, боја на кожа или нација. Сите сме луѓе.

Автопатот Скопје-Тетово-Гостивар, како мост кој нè спојува. На него патува автобус полн Македонци и Албанци, на автопат изграден од Македонци и Албанци, кој води до домовите или работните места на Македонци и Албанци. Трагедијата која се случи не обединува во болката и загубата, не прави подеднакво ранливи, не потсетува дека кога вистинската трагедија изостанува, најчесто ние ја надополнуваме со бесмислена омраза и нетрпение. 

Бев трогнат кога ја прочитав првата листа на повредени после настанот. Тоа е слика за мојата земја и јас таа слика ја прифаќам и вреднувам. Нека размислат повеќе политичарите како се доведовме до тоа да живееме заедно, патуваме заедно, работиме заедно, а некои се уште да гајат омраза и неприфаќање.

Првата идеја веднаш после трагедијата ми беше дека Македонија е место на претеран ризик, кој чека зад секој агол. Живееме субстандардно, не се грижиме како држава, имаме ужасна инфраструрктура, се она што е наменето за обичниот човек е оставено на забот на времето, и автоматски се што користиме во оваа држава, станува потенцијален ризик за нашите животи. Кај нас нема мали трагедии, секогаш се големи. Поплава од неисчистени канали убива десетици луѓе, дрвата што сме ги исекле стануваат причина за уште побројни жртви, излетувањето од пат на автобус предизвикува речиси неверојатно трагична бројка.

Кога политиката троши пари, на себе и своите гласачки машини, можеби треба да се потсети колку малку издвојува за јавниот интерес и безбедноста на своите граѓани. Мораме да разбереме дека негрижата, индивидуална или колективна, на локалната или централаната власт, на секој поединец тука, е преголема во однос на повеќето. Зафатени сме од една колективна негрижа за заедничкото, без разлика дали тоа заедничко е материјално или не. Нашиот развој е фрагилен, нашето општество е кршливо и скапо за одржување. Затоа е потребна рефлексија, грижа, мисла, скромност во индвидуирање на точките каде може да доживее прелом. Не е се во лошото минато, кое да, многу не оштети. Проблемот е сегашноста, недостатокот на еден холистички поглед врз една територија како нашата, така прекрасна, а така нечовечки претворена во депонија и гасна комора. И инфраструктурата е дел од нашата територија, која бара грижа како што бараат шумите или речните корита, но ние нашите градови, нашите патишта ги претворивме во смртни закани, прво заради политичка, а потоа и човечка негрижа. 

Ќе се бараат одговорности и за оваа трагедија, и се надевам ќе се пронајдат, но знајте, поголемата одговорност е пред очите на сите нас, и во секој од нас, лежи по едно делче од неа. 

Сега сите политички караници, сета реторика, сите поделби и цела омраза на светот не вредат ни пет пари пред вакви трагедии. 
Ние сме тој смачкан автобус покрај патот. Можеме да го отфрлиме, да го тргнеме и да продолжиме како да е само обична трагедија. Но, можеме и нешто друго, да ги истражиме во длабочина тие остатоци од лим и железо, да погледнеме подлабоко каде грешиме, да ја прочитаат некои уште еднаш листата на повредени, да разбереме кои се нашите вистински слабости, каде навистина грешиме, и од таа лекција одново да тргнеме, попаметни и почовечни. 

Знаете луѓе, животот, да, оди понатаму, но ние како да сме уморни одновно да почнеме нешто. Има мудрост во тоа одново, зошто не го игнорира тоа што претходи, но се адаптира и повеќе се грижи за тоа што следува. 

Ете, фали малку повеќе добра волја, одново да тргнеме, и одново, и така пак.

Текст кој го објави Ивор Мицковски на неговиот Facebook профил